Учениците Македонци од двете средни училишта „Нико Нестор“ и „Ибрахим Темо“ во Струга до крајот на учебната година да учат во една училишна зграда, а учениците Албанци во друга.
Ова решение е епилогот од разговорите што за надминување на меѓуетничките тензии кај струшките средношколци, цел ден ги водеа владините министри со локалната власт, училишните раководства, родителите и учениците.
За овој предлог до утре ќе треба да се изјаснат учениците и родителите, од чие прифаќање зависи дали наскоро овде состојбата ќе се нормализира по едно месечниот бојкот, од страна на 1.200 ученици Македонци, кои не доаѓаат на настава по серијата меѓуетнички тепачки и инциденти во февруари.
По шест часовните преговори во кои учествуваше речиси половина од владиниот кабинет на Груевски, вицепремиерот Ставрески изјави дека со ова решение на краток рок, ќе се постигне компромис меѓу двете страни, Македонците кои бараа поделени етнички односно јазични смени и Албанците кои сакаа да продолжат да учат во заеднички смени.
Владата понудила за идната учебна година во Струга да се обезбеди уште една зграда, каде ќе се смести едно од овие училишта за надминување на просторните проблеми.
Министерот за образование Рушити, кој како што дознаваме заедно со струшкиот градоначалник Мерко биле против етничките смени, рече дека тие не дошле во Струга да казнуваат ученици поради отсуство од наставата, туку да дадат гаранција за нормална и безбедна настава.
Родителите на учениците Македонци досега ги поддржуваа децата во нивното барање да се вратат на настава, само во одвоени јазични смени.
„Ние како родители стравуваме дали детето наше ќе дојде читаво од училиште, дали ќе дојде истепано, повредено“, изјави Аница Голабоска, родител.
„Како родители, нормално загрижени сме за судбината и школувањето на нашите деца, како и на останатите деца. Сепак тие се деца од наши пријатели и роднини, меѓутоа сметам дека со еден поцврст став на локалната самоуправа, немаше да дојде до оваа ситуација“, рече Ефтим Гелинчески, родител.
И натаму останува неизвесноста дали наставата во средните училишта во Струга ќе се нормализираат или состојбата ќе ескалира